Канда - магазин Клуч ноември 2011



Космос, кос мост. Предност, пред нос. Сеедно е, сè едно е. И така натаму… Колку пати сме се сепнале кога ќе ја почувствуваме вибрацијата на нешто изустено токму од нашите усти, кога истото прозвучи ко нешто чудно, вонвременско и вонпросторно, а истовремено наше. Како од нашите грла да излегува звук кој што би го разбрал цел свет. Како некој друг да зборува од нашите усти, како некој да гледа сè.

Дали постои некој клуч, некој пат до шаблонот, нешто што би го потврдило она старинското “сакам кажам, незнам речам”? Римјаните не нарекоа “катанец” одамна, на стара плоча ~ MAKEДONIA KATANA MUNDI, најчесто преведено како централната оска од креаторот од земјата, клучалка, клуч. А, старите наоѓале зарѓавени катанци закопани во дворовите, како клетви од душманите…за да немаме мир. И пак ко случајно Рим е обратно од МИР.

На другата страна од светот, современици на белите племиња на овие простори, оставиле календар со “периферија” до наредната, 2012та година. Оставиле и пирамиди, написи на земја видливи од небо, цртежи по карпи. На југ кај “ѓупците” исто, дури имаат бог според чиј појас се поставени трите пирамиди на платото кај Гиза – констелацијата Орион со појасот од Трите Крала (Трите Мага, Тројцата Мудреци, Тројцата Наречници). Во Казахстан беше пронајден град на свастиката, во Тибет камени огледала кои што го прекршуваат просторот и времето, во Франција низи од камења долги километри поставени според определени ѕвезди, порамнувања, помрачувања. А кај нас, немир. Тајни кои што исто ко зборот, тлеат пркосејќи му на времето, чекаат да се оттргне мрачниот превез на лагата. Оти вистина е, од небо се гледа. Како на Небото, така и на Земјата, овојпат и обратно.

Областа во која што се наоѓа ова ридче со знак кој што може да се прочита само од небо, мештаните од дамнешни времиња ја нарекуваат Канда, до вак’вско место, и се наоѓа во атарот на селата Црнилиште, Кнежје и Свети Николе. Сеуште има трска на места кај што течела силно Кнежевска Река, која и ден денес е видлива. Локалниот археолог во неврзан разговор рече Канда храм значело. Во македонскиот јазик најблизок збор е кандило и да кандиса. Во близина е античката населба Била Зора, најголемиот Пајонски град. Во Овчеполието има близу 300 потврдени археолошки локалитети и над десетина датирани од најдалечните времиња познати на денешната научна фела.

КА во македонската транскрипција на демонското писмо е едно од дванаесетте божества, брат на ЅЕ, змеј – бог на здравјето и плодноста, на Македонците од Горна Македонија. Па Јонија = Горна Земја. Змејот во Овче Поле го спомнуваат богомилите во нивните апокрифни текстови, конкретно во Видението на пророк Исаија за последните дни, како бесрамниот змеј ќе се кренал од дрвен сплав од реката Таен Рај во Овче Поле. Кандаон им бил бог на војната. Кај јужниве соседи, Кандаон е синоним за Орион, во некои извори и за Херакле. Пеонците кои што живееле на овие простори имаат монети со еден од дванаесетте подвизи на Херакле, оној со немејскиот лав. Ги има ко стрелци со криви лакови, силни војници на страната на Троја во Илијадата. Биле со Александар до Индија ко негова лесна коњаница, генералот Аристон се покажал ко ѕвер во битката кај Гавгамела, брутално сечејќи глави. Аристотел и останати древни умови пишуваат за некој огромен бик, бизон во реонот на Пајонија. Дропион, еден од последните управувачи на ретко спомнуватото племе, испраќа подарок до Пророштвото од Делфи, во чест на дедо му Аудолеон (кој што мистериозно поместил тек на река за да го скрие богатството пред да умре, навидум чудно наведена како Саргентиос) – скулптура, глава од бизон. Била Зора, лоцирана на неколку километри од посветата за Врховната Мајка последен пат се спомнува во 2век п.н.е., 168г е запалена. 20 години подоцна, во 148г п.н.е. по втор пат откако веќе генералите се поделија на четири, пророштвото на Даниел за четирите рога од тој на јарецот се исполнува. Пред 2159 години Македонија и официјално е Римска провинција. Потребни се 2.160 земни години за пролетната точка да помине низ еден цел зодијачки знак и да влезе во друг. Тоа е еден голем месец. Дванаесет такви е една голема година. Точно онолку, колку и е потребно на Земјината оска да направи цел круг околу оската на еклиптиката (голем круг од небеската сфера чија што рамнина минува низ дванаесетте соѕвездија).

На санскрит, еден од најстарите светски јазици за кој што авторите на книгата Розата од Вода напишаа дека води корен од тукашниот прастар јазик (и сме буквално во предност, затоа што знаењето ни е пред нос) канда значи крај, конечно а а’канда – бесконечно. Во индиската јога, канда е точката која што е астрален корен на човековото тело и главен канал за проток на енергијата. На латински, canda значи белина, а на турски – крв.

Лоцираниот геоглиф од Небесниот Водач ЅЕ се наоѓа на линија Кокино – Алшар. Наликува и на соѕвездието Касиопеја. Стрелка, нешто покажува. Голем труд прочита дека е Големо Око, Небесен Водач, Пророк, Оној кој што гледа сè, и дека и се диви, восхитува на Првата, Врховна Мајка. Празник му е пред Илинден од крајот на јули до 2ри август. Во исто време кога се најдревните празници на градот Александрија. А овде, пак немир. Зошто го нарекоа демонско писмото, ко да се исплашија од вистината за оригиналниот запис од Живите Господари? Како што и ги поделија јазиците за да заборавиме. Како што и се упорни дека не постоиме. А во едно од околните села, на карпи се исцртани свастики, поставени токму онака ко што се двата знака за Небесната и Земната Мајка. Друго место носи име Кутлеш, има рид викан Синај. Тука е и Божјото Слово, Богословец и насила озлогласениот Ѕид, со додаден атрибут “ѓаволски”.

Кој ги направил овие чуда на земја не можеме да потврдиме со сигурност, но секако пронаоѓаме уште троа повеќе вакви на територијата на цела Македонија. И секако сеедно е, како на небото така и на земјата. Со глас го отклучивме катанецот, овој пат и обратно.