Овче Поле, ПаЈонија

“...со должина од исток до запад 8 часа, а широчина север југ 4 часа, тоа е широко и откриено поле од пустинообразен вид со голи и грозни височини.. ”


Така Ѓорче Петров напишал во Материјалите за изучување од Македонија, издадена во 1896тата година. Во делот од книгата од каде што се земени погорните редови, пишува и дека големата македонска котлина името го добива од богатите пасишта, на кои што паселе многу стада овци. Не бил далеку од вистината. Древното име на оваа котлина било Пробата, пак овца. Седум години по издавањето на книгата во која што ги запишал своите научни патувања, по Илинденското Востание, Овчеполскиот округ сеуште бил жариште, па Војводата во своите спомени запишал: “Пушкаров ми беше ветил канал, а тој направил судир...” за битката кај дабовата шума кај Ѓуришкиот Манастир, која се случила неколку денови пред да пристигне Петров со четата, крајот на август 1903тата. Стратешко место за кое што се пролеало многу крв низ милениумите, и ден денес е мамка за сите оние кои што милуваат да ја запознаат Македонија одблизу, во самата срж.

Голите и грозни височини се неколкуте ридови и многуте височинки со чудни форми, сите пониски од 1000 метри. Поволните пасишта користеле за благосостојба на генерации луѓе од најдревното минато, па до ден
денес. Во истото поле се наоѓаат Руг Баир и А(м/н)забегово, кои заедно со Говрлево и неколку други места се основата на епохата ран неолит. Илјади години, кои што подобро да не се наведуваат во реченица, бидејќи предизвикуваат навидум чудни сензации на различни нивоа, кај различни групи на луѓе. Руг на турски значи душа, па и повеќе од веројатно е слободниот превод на современ Македонски да е Ридот на Душите, што се надоврзува со писанијата на еден современ македонски професор за непознатата локација на медното/бакарно гумно во ОвчеПоле, местото каде што “обитавале мртвите души.” Чукун дедовците оставиле еден куп пораки, присуството на скоро тристотини потврдени археолошки локалитети, огромен број на знајни и незнајни цркви и манастири, ретко кои обновени, а многу заборавени од луѓето, чудните геоморфолошки појави со преданија и легенди кои што се пренесуваат од колено на колено, ден денес се мамка за љубителите на корените, македонската лоза, природните убавини и богатства. Малиот број на туристи со развиена свест за чистата енергија од овие места и големиот број на квази авантуристи, љубители на злато (читај: злото)
потврдува дека пораките од минатото одекнуваат до ден денес.

Овде над глава можат да ви прелетаат многу птици, но и најретките видови  на македонски орли.



Можете да ги посетите Кутлеш и Синај. Кога поминувате по патот Штип – Велес нема како, а да не го забележите осамениот рид Богословец. Читано по македонски, Божјо Слово. Зад него е најголемата кривина на реката Брегалница, таму Пеонските кралеви биле капени пред крунисувањето. Истите тие делумно успеале да ја зачуваат светоста на древното знаење и по смртта на Александар, добро чувајќи го преминот на Горната Земја. Нивните дедовци, стрелците со криви лакови и огнени стрели имале божествено потекло, потомци на Пелагон и Аксиј, Пеонците биле нарекувани и Пелагонци, а Пелагонците Титани. Престолнината на истите е лоцирана овде, кај селото Кнежје, ја нарекуваат Била, Бела, Пела, Македонска Зора. Изгрејсонце, нова надеж, ново Сонце на слободата.





Можеби овие древни спомени за големата македонска котлина се причината за сè поголемиот број странци, но и добронамерни Македонци кои што доаѓаат на прошетка овде. Не секогаш престојуваат во градчето, често логоруваат со шатори, а веќе зачестуваат и преноќувањата во стариот Ѓуришки манастир.

Таму, на Градиштанска планина има дабови толку големи, што треба неколкумина за да прегрнат едно стебло. Кон крајот на седумдесетите години од минатиот век, ова место и официјално е потврдено како воздушна бања, поволна за престој на заболени дури и од најкритични болести. Ноќите студени, понекогаш се слуша дури и виењето на волците, а ѕвездите и млечниот  пат како на дланка –  местово е совршено за набљудување на ноќното небо. Преку ден, тука се гуштерите и змиите – овековечени и на чешмата до манастирот и неколку нејзини копии, внимателно го чуваат древниот премин од модерни патувачи по патот на македонската лоза.

Во манастирот домаќинот ќе ве пречека со спомени за дедо Варадин, мистичниот повратник од Рила, неговата градина, како и годините кога сите дечиња од околијата го поминувале летниот распуст во манастирските конаци.
Ветриштата дуваат од четири страни и се судираат над еден од ретките врвови, затоа немало дожд во полето. Сонцето грее 2963 часа во годината, и повеќе од доволно за да народот од овие простори истрае низ вековите. Љубителите на екстремни патеки и терени се дрзнуваат да прошетаат и до отаде Богословец, над Брегалница, за да го видат озлогласениот Ѕид, кој што според легендата е наречен ѓаволски.

Ѓаволот се обложил со Господ дека кај Богословец за само една ноќ ќе изгради ѕид со кој ќе ја пренасочи реката Брегалница од нејзиното природно корито, нејзините води ќе ги упати кон Овчеполието и целосно
ќе го поплави. Господ го прифатил облогот, а ѓаволот се обврзал да го изгради ѕидот додека не закукуригаат првите петли. Истата ноќ ѓаволот започнал да го гради ѕидот и тоа го правел толку брзо и вешто што не оставал место за сомневање дека работата ќе ја заврши навреме. Тогаш Бог се послужил со итроштина - пред зори клоцнал еден од заспанит петли. Петелот кукурикнал порано, со што Сонцето ја спречило работата, та ова денес биле остатоци од неговото ѕидарство.
Суеверни посетители врзуваат црвени и бели конци околу една огромна карпа и своите појаси, Говедар Камен се наоѓа во самата близина на градот. Карпата како да паднала овде од небо. Низ цел свет е позната моќта на
исцелување на овој камен, многу семејства добиле пород токму по посетата на ова место. Една од старите, скоро заборавени легенди, е за заменетиот царски син.
Многу одамна некој цар имал само ќерки. Затоа кога царицата останала пак бремена, тој, пред да замине во војна, и се заканил дека до колку пак му роди женско дете да не го чека. Царицата родила машко дете, но нејзините дворјанки , во големиот страв го замениле детето мислејки дека пак ќе биде женско, со едно циганско машко дете. Кога се вратил царот ја слушнал саканата вест: Царицата му родила син. Годините минувале. Несудениот царски син растел и се повеќе ги покажувал особините на својот цигански род: си играл со децата дека е циган и ги терал да лајат по него, да му ги кинат алиштата, имитирал како проси. Напоредно вистинскиот царски син, како цигански посинок, ги чувал селските говеда. Меѓутоа и тој ги покажувал сите знаци на своето потекло. Ги чувал говедата околу овој камен и се замислувал дека тие се војска, а тој од Каменот командува како вистински цар. На царот му станало сомнително однесувањето на лажниот син. Затоа еднаш заканувајќи се со најлошото ги натерал дворјанките да ја кажат вистината. Кога ја дознал вистината веднаш со својата придружба пошол да го бара вистинскиот син. Царот го нашол својот син седнат на каменот. Сакајќи да провери дали навистина говедарчето што седи на каменот е неговиот син, го прашал,
колку вреди тој како цар (колку богатство сакаш), облечен во златни алишта и со сета своја придружба. Говедарчето го погледнало и му рекло: Што е твоето богатство во однос на еден убав априлски дожд врз ова поле (колку една утринска роса во Овчеполието). Тогаш царот сватил дека тоа е неговиот син и прегрнувајки го, благословил сите оние што немаат деца да доаѓаат овде и да си најдат лек за својата мака.  
Говедар камен и годинава беше посетен на Ѓурѓовден од луѓе со надеж за здравје, к’смет, бериќет и плодност.

Чудотворната моќ пренесена од народните преданија нè потсетува и на Свети Никола Чудотворец, според кој што денешниот град го носи името.

Пред неколку векови, централна развиена населба во Овче Поле било Немањици (според некои преданија порано именувано како ИМАњици), а на местото на денешниот град било местото со цркви, Црквиште – Крк
Клисали. Со векови останала  црквата Свети Никола во самиот град, за светецот  е поврзана легендата за чудотворното излекување на Стефан Дечански,,... И на Овчем Полѣ свети Никола очи ѣму дарова въ црьквi...". Кај локалните староседелци  ова се пренесува како Стефане, очи твои на длан мои. Лозата на Дечани оставила траги и на блиското Ѓуриште, во стариот град Коритос, кој што бил  користен од истите како резиденција за одмор и мирно живеење. Убавината на оваа црква расте, лани со поставување на престолот Прохор Пчински во подземната стара црква, во чест на Свети Прохорија, родум од селото Ерџелија беше одбележан споменот за овој голем Македонски Светител.


За некои хаотична пустина, самото по себе Овче Поле покажува и докажува  дека и во хаосот има ред. Пркосејќи на годините, останува ехото од минатото – живи и здрави, Македонците сеуште успеваат да
смогнат сили за да се оттргнат од секојдневието и да се освежат со прошетка низ малото градче и неговата околина.


Ѕе, повелете во Свети Николе, каде што како да важи онаа народната недостига уште на попот капата, каде што големи цркви се изградени на местата на древни храмови, точно за да формираат совршен крст, кај што древно писмо напишано на рид се чита од небо...свето е Свети Николе.