Колку цркви имало во Свети Николе?!


          “Свети Николе го добило името по единствената црква која останала неизгорена – црквата Свети Никола, од вкупно 40 цркви кои ги имало пред доаѓањето на Османлиите. Како градско обележје од страна на ктитори ќе бидат финансирани овие параклиси како симбол на 40те цркви во нашиот град”.

Податокот дека во Свети Николе имало 40 цркви не е точен. Досега не се откриени материјални и пишани докази за ова тврдење. Навистина, градот го добил името Свети Николе по црквата Свети Никола, изградена во 1130та година, околу која се развила и населбата. За ова постои материјален доказ: камена варовита плоча на која е изгравирано: 1847, мала перва и во најдолниот ред 1130. Ова недвосмислено кажува дека во 1847ма година врз темелите на малата црква од 1130та година била изградена поголема црква, врз која е изградена денешната црква.



За време на турското владеење, Турците го именувале Свети Николе со КЛИСАЛИ – што значи населба покрај црква, додека христијанското население го именувало Свети Николе по црквата.

Сегашната камбанарија е изградена во 1927та година, на местото на старата дрвена градба. Чуваме податок дека околу 1400-тата година еден болјарин од Прилепско на црквата Свети Никола во Овчеполското село Свети Николе подарил камбана. Тоа ни дава до знаење дека сепак оваа црква е многу постара од она што се тврди денес.

Турскиот патеписец Евлија Челебија во 60те години на 17от век два пати престојувал во Свети Николе. Во своите патеписи населбата ја именувал со КИЛИСАЛИ. И францускиот патеписец Ами Буе го именува Свети Николе со КИЛИСАЛИ, исто како и Челебија. Во пописите од турските тапу дефтери Свети Николе е именувано со И-С-В-И  Н-И-К-О-Л-А. Во пописниот лист се забележани маалата: Бузурк (големо маало) и Кучук (мало маало), но и посебно село Свети Николе. Двете маала припаѓале на Штипската нахија, а населбата Свети Николе било во состав на Нагоричката нахија.

Постојат индиции дека во Свети Николе имало 6 цркви, кои отсликувале крст. Црквите се наоѓале на местата на денешната црква Свети Никола – на север, во месноста Свети Спас на југ, во месноста Свети Илија на запад и на исток - денешната црква Свети Стефан. На линијата исток – запад имало цркви во центарот на Свети Николе (кај денешната полициска станица) и во “американско маало” (покрај Светиниколска река).

Оваа претпоставка не е потврдена, но постои голема веројатност дека на споменатите локации имало цркви. Во месностите Свети Спас и Свети Илија и денес има камени крстови со остатоци од градби. Во центарот на Свети Николе за време на Турското владеење имало џамија, која била изградена на местото на срушената христијанска црква. При изградба на куќи во “американско маало” се откриени остатоци од мозаик, тегули и гробови.



Кај постарите Светиниколчани е сочувано преданието дека во Свети Николе во средните векови имало 40 цркви и дека за време на Турското владеење, тоа било именувано со Крк Клисали. Меѓутоа, за истото нема писмени и материјални докази.

Архитектот Николај Карташев, инспириран од ова предание пред влезот на Градскиот Парк во Свети Николе ја проектирал колонадата од 40 столбови – симбол на топонимот Крк Клисали.

Во Гинисовата книга на рекорди запишано е дека во Старо Нагоричане за време на Турското владеење имало 40 цркви, според што било именувано Крк Клисали.

Се надеваме дека локалната самоуправа конечно ќе ангажира стручни лица со доволен кредибилитет, знаење и искуство за да се избистрат историските податоци за нашиот град. А дотогаш, на помош Свети Никола!